Дисингер: Среќни сме за победата, но веќе гледаме кон следните предизвици

Европскиот првак Вардар одбаната на титулата во ракометната Лига на шампиони ја започна со триумф кај шампионот од 2018 година Монпелје со конечни 33:31, најавувајќи дека и оваа сезона Црвено-црните ќе бидат трн во око за сите гиганти.

Вардарци ја надополнија минималната негатива од првиот дел, па со цврста завршница во последните минути ја обезбедија првата радост во континенталната елита. Ракометарот на македонскиот великан, Кристијан Дисингер, иако му е мило што Вардар тргна со триумф на тешкото гостување, смета дека нема многу време да се радува на оваа победа бидејќи следуваат нови предизвици на кои треба да се одговори со ист ваков настап.

„Во првото полувреме очигледни беа бројните грешки и на двете екипи. Особено ние грешевме во одбраната, им оставивме простор повеќе од што треба и примавме лесни голови. Но, откако се консолидиравме во вториот дел цврстата одбрана и контра-нападите беа клучни да го запишеме овој триумф. Знаеме колку е тешко да се победи на теренот на Монпелје и среќни сме за нашиот успех, меѓутоа ова не е нашето најдобро издание и веќе мислиме на следните предизвици“, истакна Дисингер.

Вардар во второто коло од ракометната ЛШ ќе настапи на домашен терен против Порто, а тој дуел е закажан за 22 септември.

 

- Оглас -

Најнови вести