До 2014 година бев најдобар напаѓач на светот, а по финалето на СП сè се смени

Во интервју за аргентинскиот „Ла Насион“, фудбалерот Гонзало Игуаин кажа дека играчката кариера ќе ја заврши во САД, а не во родната Аргентина. Популарниот Пипита има 33 години и презадоволен е од престојот во Интер Мајами, а жали што по финалето на Мундијалот во 2014 година неговата кариера почнала незапирливо да се движи во надолна линија.

„Среќен сум во САД, тука фудбалот не е приоритетен спорт, притисокот е многу помал од тој што го имав во Европа. Тука луѓето не ве критикуваат на улица ако утнете шанса, не коментираат дали треба да бидете избркани од клуб“, вели Игуаин, кој играше за големи клубови како Реал Мадрид, Челзи, Јувентус, Милан, Наполи.

Играше и со Кристијано Роналдо во Реал Мадрид и со Лионел Меси во националниот тим.

„Ако има некој фудбалер кој најдобро ги разбира и најдолго играл со нив, тоа сум јас. Знам што сакаат, што не сакаат, кога се чувствуваат пријатно, кога непријатно. Многу се различни, имав привилегија што играв со нив и учев од нив“, изјави Игуаин.

Кариерата ја почна во Ривер плејт, но не планира да се врати во Ривер.

„Нема да се вратам во Ривер. Секогаш ќе го сакам клубот, но цели 14 години играв на највисоко ниво, доста е. Ќе играм уште некое време тука во Мајами и толку“, најавува Игуаин.

Тој го предупредува наследникот во репрезентацијата, Лаутаро Мартинес, дека треба да остане смирен за да не му се случи истото како нему.

„Не е лесно да се стигне до СП, а наместо благодарност, нас сакаа да нè убијат што не сме ја победиле Германија. Мене во Аргентина до финалето со Германија во 2014 година ме нарекуваа најдобра деветка на светот. По тој меч, работите тргнаа на лошо. Никој не ги спомна деветте гола кои ги дадов во квалификациите за тоа СП. Затоа на Лаутаро му пречорачувам да остане мирен. Сега сите го фалат и цело време зборуваат за него, но на СП или на Копа Америка ако утне шанса или му се случи друг малер, веќе нема да го спомнуваат, ќе велат дека е бескорисен“, објаснува Игуаин, кој тврди дека по завршувањето на играчката кариера, нема да остане во фудбалот, туку ќе му се посвети на семејството.

- Оглас -

Најнови вести