Барселона со 2:0 го победи Реал Мадрид во Ел Класико и на тој начин ја обезбеди 29-тата шампионска титула во шпанското првенство. Каталонскиот гигант има убедливи 14 бода повеќе од вечниот ривал и тоа само на три кола до крајот.
Иако двоцифрена е предноста на Барселона во однос на Реал и каталонскиот гигант доминираше на синоќешниот меч на „Камп ноу“, од Мадрид стигнуваат реакции со незадоволство, посебно на судењето на Ел Класико. На Реал Мадрид ТВ имаше многу реакции и негодувања, посебно за тоа што немало доволно повторување на спорните ситуации.
„Шпанската лига не е сериозна. Тоа е Тебасова лига, Негреирина лига. Тоа е циркуз и фарса. Ова е ужасно“, беше пораката од Реал Мадрид ТВ.
За потсетување, Хавиер Тебас е претседател на Шпанската фудбалска федерација, а Хозе Марија Енрикес Негреира е поранешен потпретседател на Техничкиот комитет на шпанските судии, кој беше вмешан во скандал во кој Барселона им плаќаше на компании што ги поседуваше.
Од Реал Мадрид ТВ тврдат дека во спорните ситуации не се покажуваат чистите агли и тоа оди на штета на Кралскиот клуб. „Кога се случуваат контроверзни ситуации, порано гледавме одлични панорамски снимки кога Реал Мадрид беше тимот што беше фаулиран. А сега, уште еднаш, преносот е прекинат во моментот на клучен фаул“, додадоа тие.
Според реакциите од Мадрид, можело да има црвен картон за Дани Олмо, но ниеднаш немало покажување на повторена снимка во преносот. Исто така веруваат дека требало да има пенал за Реал Мадрид по ударот на Ерик Гарсија во главата на Белингам.
„Можеби е туркање во пределот на вратот и ништо друго, но не видовме повторена снимка. Тоа што го видовме беше лактот на Ерик Гарсија, а тоа е јасно дека е прекршок за пенал и за црвен картон. Ако тоа се проценува како дел од играта, тогаш секој момент може така да се процени. Секој којшто играл фудбал знае дека Ерик Гарсија тоа го направи намерно“, коментираат од Мадрид.

