Додека сите се жалат на беспарица, го имаме апсолутниот победник што ја декласира и пандемијата со рекорден приход

Бенфика имаше најуспешна година во историјата на клубот и пријави приход од 295 милиони евра во сезоната 2019/20, која беше проблематична на финансиски план за грото фудбалски клубови.

Пандемијата со корона-вирусот урна многу фудбалски империи, а грото од клубовите се пожалија на лоши финансиски резултати предизвикани од долгата пауза поради ковид-19, отсуство на публика на стадионите, проблеми со ТВ-правата, маркетинг, продажбата на влезниците и производите со клупските симболи, а популарните Орли се светол и редок пример со успешна фискална година.

Приходот од 295 милиони евра е рекорден во историјата на Бенфика, а вкупниот ќар кога ќе се одбијат и расходите е 41,7 милиони евра, втор најголем по ланскиот, кога најтрофејниот португалски клуб пријави плус од 44,7 милиони евра.

Ваквата финансиска слика најмногу се должи на традицијата и на неверојатно доброто работење на Бенфика на трансфер-пазарот. Клубот е еден од водечките според заработката од продажба на играчи, а лани летото го имаше и рекордниот трансфер и заработка од 126 милиони евра со продажбата на Жоао Феликс на Атлетико Мадрид.

Интересно е што Бенфика сега веќе има низа од 7 години со позитивна финансиска слика, а подвигот е поголем ако се знае дека сезоната 2019/20 беше една од најчудните фудбалски во последните стотина години поради пандемијата со ковид-19.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести