Немаше драма во мајсторките, фаворитите не дозволија изненадување

Детроит пистонс и Кливленд кавалирс ќе ја сочинат втората полуфинална двојка на Истокот во НБА плејофот. Клиповите во седмиот решавачки меч против Орландо, на свој терен издоминираа со 116-94, додека Коњаниците во мајсторката го надиграа Торонто репторс со 114-102 и истотака со 4-3 во победи одат понатаму. 

Детроит беше во проблем, губеше со 1-3 во серијата против Орландо, но потоа на три меча по ред покажа зошто беше најдобар тим на Истокот во регуларната сезона. Синоќа на Меџик му фалеше Франц Вагнер и домашните го искористија тоа за да се најдат во второто коло на плејофот за првпат по 2008 година.  

Тобијас Херис со 30 поени од кои 17 во втората четвртина кога Пистонс презедоа контрола, заедно со Кејд Канингем (32 поени и 12 асистенции) беше клучни алки во победата на Детроит кој избегна да стане седмиот тим во историјата кој како прв носител бил елиминиран од осмиот. 

Џарет Ален го израмни својот рекорд во плејофот со 22 поени и додаде 19 скока во победата на Кливленд кавалирс над Торонто Репторс. Донован Мичел исто така постигна 22 поени, додека Џејмс Харден додаде 18 во серијата во која домашниот тим славеше во сите седум натпревари.

Со триумфот, Кливленд избори пласман во полуфиналето на Источната конференција. Кливленд кој беше четврти носител, сега патува во Детроит на дуел со Пистонс. Првиот натпревар од второто коло е закажан за вторник навечер.

- Оглас -

Најнови вести