Рома се прероди по доаѓањето на 73-годишниот стручњак и нивен долгогодишен навивач Клаудио Раниери.
Во овие 23 кола во Серија А откако дојде Раниери, Рома собра 50 бодови, повеќе од кој било друг тим освен Наполи, кој има 51. Со Раниери на клупата, на овие 23 меча Волчицата во истиот период собра еден бод повеќе од Интер, шест од Болоња, седум од Аталанта, 11 од Јувентус.
Којзнае што ќе беше ако Раниери ја водеше Рома цела сезона. Тој е третиот тренер на Рома сезонава, по неуспешните престои на Даниеле де Роси и Иван Јуриќ. Во првите 16 кола сезонава, Рома имаше дури осум порази и се наоѓаше во долниот дел на табелата. Кога Раниери седна на клупата, Рома беше само четири бода над зоната на испаѓање. А, сега има серија дури од 19 меча по ред без пораз и се бори за пласман во Лигата на шампионите.
Сакаше да ја извлече Рома од „калта“ и успеа. Што и да се случи, тој ќе си замине од тренерското место на крајот на сезонава и се сели во клупските канцеларии.