Доколку им успее планот, Лејкерси ќе бидат незапирливи

ЛА лејкерс со ангажманите на Марк Гасол, Денис Шрудер и Весли Метјус најавува одбрана на тронот во НБА-лигата по освоената 17-та титула во ланската сезона. Меѓутоа, постои теорија според која Езерџиите ќе бидат значително посилни, дури незапирливи доколку се оствари.

Новинарот на И-ес-пи-ен, Брајан Виндхорст, разоткри зошто Ентони Дејвис излезе на пазарот како слободен играч. Јасно е дека целта на Веѓата е да добие побогат договор, но Виндхорст тврди дека се крои финансиски план со цел да се обезбедат средства за ангажман на Јанис Адетокумбо во 2021 година.

Имено, наместо повеќегодишен договор, Дејвис би прифатил едногодишен договор со опција да се продолжи на уште една година, сето тоа проследено со излегување на Леброн Џејмс од максималниот договор во последната сезона од соработката со Лејкерс. На тој начин двете ѕвезди на Езерџиите би заработувале далеку помалку во сезоната 2021/22, а на таа жртва се подготвени само за да се обезбедат услугите на двократниот МВП.

Во меѓувреме, Јанис влегува во последната година од соработката со Милвоки и е во исчекување да добие понуда да остане во Висконсин, но само под еден услов. Управата на Бакс треба да му понуди максимален договор со рекордна заработка ако сака да ја задржи својата ѕвезда, инаку преселбата во Лос Анџелес ќе биде извесна.

Интересна теорија, застрашувачка за противниците доколку навистина се оствари.

- Оглас -

Најнови вести