Домашниот есап не ни го есапи никој во Европа – Во Македонија се лавови, надвор се мачиња

Шкендија и Струга Трим Лум доживеаја две незгодни елиминации во првото коло во две различни европски натпреварувања и само покажаа дека квалитетот на домашното првенство ни е многу слаб.

Шкендија имаше среќа што може да продолжи во квалификациите за Конференциската лига на Европа, натпреварување што е ново, а таму стигна со дебакл од 0:6 во двомечот со Мура во првата филтер-рунда за настап во Лигата на шампионите.

Струга ја немаше таа среќа и е елиминирана со вкупен резултат од 2:5 од летонска Лиепаја во најслабото по рејтинг европско натпреварување.

И двете екипи имаа слаби одбрани, сосема спротивно од учинокот во домашното првенство, каде што заедно со Шкупи ги имаа најдобрите дефанзивни формации.

Струга прими само 24 гола во 33 кола во минатото издание на македонското првенство, а сега за 180 минути игра прими пет погодоци од Лиепаја, клубот кој постои само 7 години и е европски просек, можеби ни толку.

Мура има деветгодишна традиција, а ја наполни мрежата на македонскиот првак Шкендија со шест гола на два меча. Тетовци во домашното првенство примија само 26 погодоци во 33 кола, но и тие покажаа дека домашниот есап не ни го есапи никој во Европа.

 

 

- Оглас -

Најнови вести