Во моментов нема подобар тенисер на светот од Јаник Синер, а доминацијата на Италијанецот на завршниот турнир во Торино, кој го освои без загубен сет, му донесе речиси 4.000 поени предност пред вториот Александер Зверев на АТП-листата.
Ова значи дека дури и Синер воопшто да не игра на Отвореното првенство на Австралија, каде што ќе ја брани титулата и 2.000 поени од лани, а Зверев да го освои гренслемот во Мелбурн, Синер би останал прв по првиот голем турнир во 2025 година.
Синер во 2024 година има 70 победи и само шест порази и сè ќе беше перфектно за него да не беше допинг-скандалот и земањето недозволени стимулативни средства преку крема за масажа, за што сепак засега не е казнет.
Зад него се Зверев и Карлос Алкарас, а четврти е Тејлор Фриц, додека на петтото место падна Данил Медведев. Шестата позиција е за Каспер Руд, кој го симна Новак Ѓоковиќ на седмо место.
Ѓоковиќ годинава ја завршува на седмо место, негов најслаб пласман на крајот на годината од 2018 наваму. Тогаш беше 12-ти на крајот на годината.