Македонија има светски прваци во ракомет и тоа во училиштен спорт во машка конкуренција. Во финалето кое денеска се играше во салата „Јане Сандански“, македонските надежи со 38:32 го победија Израел.
Со овој успех само продолжи „жнеењето“ на успеси во ракометот, овојпат во училиштен спорт. Ова е првпат една македонска екипа да биде светски ракометен првак.
Во женска конкуренција Македонија го освои сребрениот медал. Перфектни беа кадетките сè до денешното финале, но едноставно во завршниот меч немаа сили против Коцкестите. Во финалето, Хрватска ја победи Македонија со 28:26, па нашите надежи мораа да се задоволат со сребрениот медал. Третото место им припадна на ракометарките на Турција.

На крајот, повеќе од успешен беше овој светски собир за Македонија. Злато во машка конкуренција и сребро кај девојчињата. Македонија уште еднаш покажа дека има ракометна иднина.


