Манчестер сити наиде на пречка во трката за шампионската титула откако Премиер лигата го одби нивното барање за промена на термините на натпреварите со цел да им се олесни згуснатиот распоред. Оваа одлука оди во прилог на нивниот главен конкурент Арсенал во неизвесната завршница на сезоната.
Тимот на Пеп Гвардиола во моментов заостанува три бода зад водечкиот Арсенал, но има и натпревар помалку, против Кристал pалас, чиј термин сè уште не е официјално потврден. Ситуацијата дополнително се комплиcира со пласманот во финалето на ФА купот, поради што и првенствениот дуел со Борнмут, закажан за 17 мај, мора да биде одложен.
Според очекуваниот календар, Сити би требало да игра против Кристал палас на 13 мај, само три дена пред финалето на ФА купот против Челзи. Потоа, на 19 мај ги очекува одложениот натпревар со Борнмут, а сезоната ќе ја затворат на 24 мај со домашен меч против Астон вила. Тоа значи три клучни натпревари во период само од седум дена.
Со цел да добијат повеќе време за закрепнување, од Манчестер сити предложиле размена на термините за двата одложени натпревари. Нивната идеја била дуелот со Борнмут да се игра на 12 мај, а со Кристал палас на 19 или 20 мај, со што би се растегнал ритамот на осум или девет дена.
Овој предлог произлегува и од фактот што натпреварот со Кристал палас не може да се игра во вторник поради нивните обврски во Конференциската лига, додека играње во среда би го скратило времето за подготовка на Сити за финалето. Сепак, по разговорите со Манчестер сити, Борнмут и Кристал палас, се очекува Премиер лигата да го задржи првичниот распоред, а официјалната потврда треба да следи наскоро.
Згуснатиот распоред доаѓа во момент кога Сити повторно мора да ја брка предноста на Арсенал. Тимот на Микел Артета може да се одлепи на шест бода доколку победи против Фулам, што би создало дополнителен притисок врз Сити пред нивното гостување кај Евертон, каде што веќе нема простор за грешки.

