Дончиќ делеше асистенции како Дедо Мраз, а со 50 поени ги засени и Сонцата и останатите ѕвезди

Лука Дончиќ приреди незаборавно шоу за гледачите кои го следеа натпреварот помеѓу Далас маверикс и Феникс санс. Словенецот ги предводеше Дивите телиња до победа од 128-114, со учинок од 50 поени и 15 асистенции, што е негово директно учество во повеќе од 80 поени на неговиот тим.

Лука на овој меч дојде до јубилеј од 10.000 поени во НБА (има одиграно 358 меча), само шестмина во историјата побрзо од него стигнале до ваква бројка. Дончиќ погоди 8 тројки од 16 обиди, ги погоди сите слободни фрлања, а имаше дури и 15 асистенции како потврда дека ова беше негова вечер.

Инаку, 50 или повеќе поени на меч кој се играл на 25 декември имале само четворица кошаркари во историјата на лигата. Пред Дончиќ, тоа му успеа на Бернард Кинг во далечната 1984 година.

Партија на животот имаше дебитантот Хаиме Хакес јуниор од Мајами хит, кој имаше личен рекорд од 31 поен во победата на Жешките над Филаделфија од 119-113.

Бостон го доби дербито против Лејкерс со 126-115, а Денвер беше подобар од Голден стејт со 120-114 во меч на кој Никола Јокиќ изведе 18 слободни фрлања, ги погоди сите и постави личен рекорд.

- Оглас -

Најнови вести