Париз 100 години чекаше и дочека повторно да биде домаќин на Летни олимписки игри, вечерва од 19.30 часот во главниот град на Франција ќе започне церемонијата на свечено отворање на најголемиот спортски настан, а спектаклот може делумно да го уништи дождот.
Небото над Париз се затемнува, и прогнозите на синоптичарите се дека има 70 до 80 проценти веројатност да заврне дожд за време на отворањето.
Отворањето на ЛОИ 2024 ќе биде оригинално, наместо на стадион, првпат ќе се одржи по должината и на брегот на реката Сена. Но, на спортистите може да им биде непријатно доколку „истури“. Прогнозите се дека на почетокот на отворањето треба да „роси“, а најсилно може да врне помеѓу 21 и 23 часот.
Попладнево ќе има нова прогноза, и ќе се знае точно дали вечер ќе врне или сепак организаторите ќе имаат среќа и ќе остане суво.