Дозирана минутажа за Адеми, Велковски не игра против Лихтенштајн, ќе биде подготвен за Германците

Дарко Велковски нема да игра ниту утре против Лихтенштајн, откако го пропушти и стартниот квалификациски меч против Романците, норечиси сигурно ќе биде во комбинација за дуелот со Германците на 31. март.

Стандардниот стопер се повреди на еден од последните тренинзи пред патот за Букурешт и не настапи во поразот од 3:2 од Романците. Денеска тренираше одвоено и од претпазливост нема да игра ниту против Лихтенштајн, утре во Скопје.

Селекторот Игор Ангеловски најави дека утре против најслабата селекција во нашата група Аријан Адеми поради неодамнешната повреда повторно ќе има дозирана минутажа, како на мечот со Романците.

„Очекуваме Дарко Велковски да биде во комбинација за настап со Германците. Адеми повторно ќе има дозирана минутажа по повредата. Сепак сега мислиме само на следниот меч, утре против Лихтенштајн. Ја прифаќаме улогата на фаворити, а во вакви ситуации во минатите години покажавме дека можеме да се справиме со предизвикот. Убеден сум дека и утре ќе биде така и дека ќе победиме.

Лихтенштајн има нов лик и нов селектор во однос на претходните два меча што ги игравме во 2018 година, но ги анализиравме и подготвени сме за меч во кој речиси се зависи од нас“, изјави селекторот Игор Ангеловски.

Двете селекции беа поразени на стартот од квалификациите за настап на Мундијалот во Катар, но јасно е дека Македониај е голем фаворит против селекција со која сме играле 9 пати и имаме 8 победи и едно реми. Вкупната гол-разлика е 33:5 за Македонија, а токму против Лихтенштајн во 1996 година ја постигнавме и највисоката победа во историјата на репрезентативниот фудбал кога славевме со 11:1 на гостински терен.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести