Најтрофејниот српски фудбалски клуб Црвена ѕвезда ќе почека најмалку уште неколку денови за да може и официјално да ја потврдат новата титула во домашното првенство. Црвено-белите можеа вечерва да бидат крунисани во старо-нови шампиони, но одиграа само нерешено на гостувањето кај Железничар во Панчево, па теоретски уште не се прваци.
Фаворитот преку Бајо прв даде гол за водство од 1:0, но Железничар до крајот на првото полувреме направи пресврт. Кнежевиќ и Јаспер погодија за пресврт и водство на тимот од Панчево од 2:1. Црвена ѕвезда израмни на 2:2 во 60 минута кога погоди Енем, што на крајот се покажа и како конечен резултат.
По 32. кола Црвена ѕвезда е лидер со 79 бодови, дури 14 повеќе од второпласираниот Партизан. Во следното коло ќе се игра големото српско дерби на кое Црвена ѕвезда на свој терен ќе го пречека Партизан. Доколку Црвено-белите не загубат во дербито, ќе може и официјално да бидат крунисани во фудбалски шампиони на Србија.

