Драма во Автокоманда: Вардар се спаси од пораз кај Алкалоид

Алкалоид и Вардар ремизираа 26:26 во дербито на ракометната Супер лига. Во текот на целиот меч беше неизвесно, па на крајот, ремито можеби е и најреален резултат.

Со овој бод Вардар стигна до 13 бодови и повторно е лидер на табелата. Со 13 бодови е и Пелистер, додека Алкалоид е трет со девет бодови.

Дербито целосно ги оправда очекувањата. Алкалоид поведе со 5:2, а потоа гостите со серија од три гола стигнаа до израмнување. Потоа Алкалоид во еден момент имаше плус два гола (10:8), но на полувреме се замина со нерешено 12:12.

Во второто полувреме Вардар започна многу посигурно и стигна до висока предност од 19:15. Сепак, тоа воопшто не значеше дека Алкалоид ќе се предаде и по само неколку минути домаќините со серија од 5:1 стигнаа до нерешено, 20:20. Потоа се играше гол за гол, а во 51 минута Алкалоид стигна до водство од 23:22, а во последните пет минути се влезе со егал од 24:24.

Следуваше гол за Алкалоид, потоа младиот голман Галевски одбрани еден пенал и чист зицер, па во последните 100 секунди домаќините влегоа со гол предност.

Во драматичната завршница, Хориха даде гол за 25:25 во пресрет на последната минута на мечот. На 30 секунди до крајот Марковски даде гол за водство на Алкалоид од 26:25, а Вардр со голот на Лазаревски на три секунди од крајот стигна до реми и 26:26.

 

- Оглас -

Најнови вести