Драма во Мексико: Чивас дома водеше со 2:0, на крајот ја загуби титулата со гол примен во 110-тата минута (Видео)

Екипата на Тигрес е освојувач на трофејот во Клаусура шампионатот во Мексико откако во неверојатно драматичен меч успеа да се радува со 3:2 против Чивас Гвадалахара.

Финалето се играше во два меча. Првиот, кој беше на теренот на Тигрес, заврши без погодоци, па Чивас ја имаше предноста на домашен терен во реваншот. Одлично започна мечот за домаќините и само по 20 минути игра водеа со 2:0.

На трибините се подготвуваше шампионско славење, но гостите не мислеа дека е готово. Легендарниот француски напаѓач Андре Пјер Жињак од пенал намали на 1:2 во 65-тата минута, а Кордова погоди за 2:2 во 72-рата минута. Ова беше резултат по 90 минути, па мораа да се играат продолженија.

Во 110-тата минута беше комплетиран пресвртот кога Гвидо Пизаро со глава погоди за 3:2. Во последните 10-тина минути гостите успеаја да се одбранат и така со неверојатен пресврт да стигнат до титулата, и тоа на теренот на противникот.

 

 

- Оглас -

Најнови вести