Дресот на Реал Мадрид станува најскап на светот

Наместо по 52, Реал Мадрид во наредните десетина сезони (од 2020 до 2030) ќе добива по 110 милиони евра годишно од спонзорот „Адидас“. Договорот на 140 страници, вреден 1,1 милијарди евра, веќе е на маса и се чека да биде потпишан од двете страни.

Оваа сума е рекордна во спонзорирање во фудбалот од страна на еден произведувач на спортска опрема и рекорд во европскиот спортски маркетинг (Манчестер јунајтед зема 85 милиони од „Најки“). Вакви договори во светот имаат само 21 екипа на НБА со „Најки“.

Резултатската криза на тимот сезонава не е пречка во преговорите, комерцијалниот сектор работи беспрекорно и финансиски, Реал Мадрид е постабилен од кога било претходно. Во минатата сезона клубот имаше рекордни приходи од дури 751 милион евра, што е за 11 проценти повеќе од 2016/17.

Реал носи дресови на „Адидас“ од 1998 година, а од тој производител користеа опрема и од 1981 до 1986 година. Европскиот првак има најбогат договор и за спонзор на предната страна на дресот. Од „Флај Емирејтс“ зема по 70 милиони годишно. Втор е Манчестер јунајтед со 62 милиони од „Шевролет“, а трета е Барселона со 55 милиони од „Ракутен“.

- Оглас -

Најнови вести