Државната видеолотарија ја освежи КФСМ со 100.000 евра

Кошаркарската федерација на С. Македонија, КФСМ, доби донација и спонзорство во висина од вкупно 6.150.000 денари од Државна видеолотарија, а најголем дел од тие средства ќе се искористат за претстојниот циклус на квалификации за Европското сениорско првенство.

Претседателот на КФСМ, Перо Антиќ, се заблагодари за финансиската поддршка од којашто поголем дел (5.535.000 денари) од неа се донација, средства кои ќе се материјализираат од ваучер-системот, додека 615.000 денари се директно спонзорство.

„ВЛТ е добар партнер и можам да кажам и дека сумата е добра. Поголемиот дел од средствата ќе се распределат за машката сениорска репрезентација, но дел ќе оди и за потребите на младинските селекции. Наше е да обезбедиме услови за работа“, рече Антиќ.

Директорот за маркетинг во државната видеолотарија, Вики Чадиковска, исто така изрази задоволството од постигнатиот договор.

„Во нашите заложби за унапредување на спортот пронајдовме простор за една убава соработка со КФСМ. Државна видеолотарија станува силен подржувач на националните селекции во кошарка, нашите најважни претставници на меѓународната сцена. Jасно ја поддржуваме визијата на КФСМ овозможувајќи им на кошаркарите прецизно да нишанат кон кошот додека ги бранат репрезентативните бои на нашата земја. Видеолотарија само продолжи да биде поддржувач на македонскиот спорт, со оглед што соработуваше и со автомобилистот Игор Стефановски – Иџе. Се надеваме дека заеднички радости ќе имаме и со кошарката. Чест ни е што КФСМ ни се обрати и што најдовме заеднички јазик за соработка“, изјави Чадиковска.

 

- Оглас -

Најнови вести