Кошаркарите на Дубаи направија важен чекор кон титулата во АБА лигата откако во првиот натпревар од финалната серија го победија Партизан со 99:93 и поведоа со 1:0 во серијата која се игра до три победи.
Натпреварот започна со минута молк во чест на босанскиот спортски новинар Един Авдиќ, кој вчера почина на 47-годишна возраст.
Дубаи беше подобар во првото полувреме и на паузата замина со предност од девет поени (53:44). Партизан успеа да се врати во игра во третата четвртина и пред последните десет минути заостануваше само три поени (69:66).
Сепак, домашниот тим не дозволи пресврт. Во решавачкиот период повторно ја презеде целосно контролата врз играта и стигна до заслужена победа.
Најзаслужен за триумфот беше Џанан Муса, кој одигра извонреден натпревар и постигна 22 поени, шест асистенции и три скока. Одлична поддршка имаше од Кабенгеле и Рајт, кои додадоа по 19 поени. Кабенгеле мечот го заврши со осум скока и четири асистенции, додека Рајт запиша девет асистенции и два скока.
Кај Партизан најефикасен беше Џонс со 21 поен, пет скока и четири асистенции. Браун додаде 20 поени и четири скока, Вашингтон постигна 18 поени, а двоцифрен беше и Бонга со 13 поени, четири скока и три асистенции.
Вториот натпревар од финалната серија е закажан за сабота, а Дубаи повторно ќе биде домаќин пред серијата да се пресели во Белград.

