Ханси Флик останува на клупата на Барселона до јуни 2028 година, а каталонскиот клуб веќе има план кој ќе го наследи. Тоа е Сеск Фабрегас.
Ангажманот на Ханси Флик се покажа како полн погодок за Барселона. Германскиот стратег пристигна во 2024 година, го наметна својот систем на игра и освои две титули во Ла Лига во последните две сезони.
Барселона му го продолжи договорот до јуни 2028 година и има целосна доверба во него. Покрај водењето на тимот, Флик ќе има задача и да ја подготви екипата за идниот тренер.
Каталонците веќе одлучиле кој ќе седне на клупата по заминувањето на Флик. Според шпанските медиуми, тоа ќе биде Сеск Фабрегас.
Триесет и деветгодишниот Шпанец, поранешен фудбалер на Барселона, во моментов работи одлична работа во Комо. Тој го одведе италијанскиот клуб до настап во Лигата на шампионите и стана едно од најинтересните тренерски имиња во Европа.
Неговите резултати веднаш го поврзаа со бројни клубови. Се споменуваше како можен кандидат за Реал Мадрид, Арсенал и уште неколку европски великани, а сега и за Барселона.
„Барселона веќе го има избрано тренерот кој ќе го наследи Ханси Флик. Тоа е Сеск Фабрегас“, пишуваат каталонските медиуми.
Тие додаваат дека Фабрегас има одлични односи со претседателот Жоан Лапорта, спортскиот директор Деко и советникот Алехандро Ечеварија. Наводно, во договорот со Комо има и специјална клаузула што би му овозможила полесно заминување во Барселона.
Фабрегас ја презеде клупата на Комо во летото 2024 година, откако претходно работеше со младинските категории, беше помошник-тренер, а накратко и прв тренер во 2023 година.
Досега го водел Комо на 83 натпревари и има учинок од 37 победи, 22 нерешени резултати и 24 порази.
Како фудбалер, Фабрегас остави длабока трага во Барселона и беше дел од една од најуспешните генерации во историјата на клубот. Поради тоа, во Барселона веруваат дека тој совршено ги разбира клупските принципи и може да го продолжи проектот и по заминувањето на Флик.
Според каталонските медиуми, планот е Фабрегас во наредните години да остане во близок контакт со случувањата во клубот, со цел транзицијата по 2028 година да помине што е можно помирно.

