Арне Слот нема долго да биде без работа, ќе преземе клуб од Премиер лигата?!

Поранешниот менаџер на Ливерпул, Арне Слот, би можел многу брзо да се врати во Премиер лигата само неколку дена по разделбата со клубот од „Енфилд“.

Холандскиот стратег доби отказ на 30 мај по разочарувачката втора сезона на клупата на Ливерпул. Црвените ја завршија сезоната на петтото место и останаа без освоен трофеј, што беше главната причина за прекинот на соработката.

Се очекува негов наследник да биде поранешниот тренер на Борнмут, Андони Ираола, со кого, според медиумите, веќе е постигнат устен договор.

По заминувањето од Ливерпул, Слот беше поврзуван со повеќе ангажмани. Најпрво се шпекулираше дека би можел да го преземе Милан по заминувањето на Масимилијано Алегри, а потоа се појавија и информации дека е кандидат за селектор на Холандија.

Сепак, најновите информации од Англија велат дека 46-годишниот Холанѓанец е главен фаворит за клупата на Фулам.

Лондонскиот клуб е во потрага по нов тренер по заминувањето на Марко Силва, кој наскоро треба да биде претставен како нов предводник на Бенфика.

Покрај Слот, на листата на желби на Фулам се наоѓаат и Лијам Росениор, Мартин О’Нил и Бо Свенсон, но поранешниот тренер на Ливерпул во моментов важи за прв избор на раководството.

Слот претходно работеше во Камбур, АЗ Алкмар и Феенорд, каде што изгради репутација на еден од најперспективните холандски тренери пред да се пресели во Премиер лигата. Доколку ја прифати понудата на Фулам, тој би добил можност веднаш да се врати во англискиот фудбал и да ја обнови својата репутација по неуспешната сезона со Ливерпул.

- Оглас -

Најнови вести