Изненадувачки: Анонимен Шпанец е нов тренер на Баер Леверкузен

Баер Леверкузен и официјално го назначи Карлес Мартинес Новел за нов шеф на стручниот штаб. По бројните шпекулации околу можните наследници на клупата на Фармацевтите, меѓу кои се споменуваа Филипе Луис, Оливер Гласнер, Андони Ираола и Алваро Арбелоа, германскиот клуб се одлучи за шпанскиот стратег, кој последен пат го водеше Тулуз.

Мартинес Новел бил желба и на Жирона, Рајо Ваљекано и Осасуна, но ја прифатил понудата на Баер Леверкузен и потпишал договор до летото 2028 година.

„Нашата цел останува постојано да се натпреваруваме на највисоко ниво и да продолжиме да ја зацврстуваме позицијата меѓу водечките клубови во Европа. Убедени сме дека Карлес Мартинес со својот тренерски профил совршено се вклопува во таа визија. Тој е модерен тренер кој знае како да развива талентиран тим и да постигнува резултати“, изјави извршниот директор на Баер Леверкузен, Фернандо Каро.

Назначувањето го прокоментира и спортскиот директор Симон Ролфс.

„Карлес Мартинес успешно разви многу млади фудбалери во Тулуз и создаде стабилен тим со меѓународен карактер. Покрај тоа, поседува големо техничко знаење стекнато во академијата на Барселона. Тој е тренер со јасни принципи и современ поглед кон фудбалот. Веруваме дека ќе донесе вистински импулс за нашата спортска иднина“, истакна Ролфс.

Четириесет и двегодишниот шпански стручњак беше дел од стручниот штаб на Тулуз при освојувањето на Купот на Франција во сезоната 2022/23 како помошник на Филип Монтање, а една сезона подоцна како главен тренер го предводеше францускиот клуб до нокаут-фазата во Лигата на Европа.

 

- Оглас -

Најнови вести