Дури 66 години чекаат да бидат прваци, а сега имаат историска шанса: Се обидуваме да останеме нормални

Цели 40 години Глазгов ренџерс и Селтик доминираат во фудбалското првенство на Шкотска и ги освојуваат титулите во домашното првенство. Таа доминација може да биде прекината оваа сезона, а херој да биде тимот на Хартс. На три кола до крајот на првенството, Хартс има 76 бода, три повеќе од Селтик и дури седум повеќе од Ренџерс.

Во претходното коло Хартс со 2:1 го победи Ренџерс и сега до крајот на првенството игра три средби на кои е во улога на фаворит. Хартс утре ќе игра на гости кај Модервел, потоа следува домашен дуел против Фалкрик, а во последното коло следува дербито на гости кај Селтик, кога може и во директен дуел да се одлучи шампионот.

„Секој што го доведува во прашање нашиот менталитет, сигурно не ги гледал нашите натпревари. Без оглед на тоа како ќе заврши сезоната, не можете да стигнете до 76 бода на три натпревари до крајот во клуб како Хартс ако немате силен менталитет. Секогаш има притисок тука. Ова е клуб кој инсистира на победа, очекувањата се високи и играчите одговорија на тоа постојано. Имаме позитивни резултати против Ренџерс и Селтик, добри сме во дерби-натпреварите и силни сме дома. Поради сето тоа, нашиот менталитет никогаш не бил доведен во прашање“, вели тренерот на Хартс, Дерек Мекинс, кој неодамна беше прогласен за тренер на сезоната во шкотското првенство.

Хартс вкупно четирипати бил шампион на Шкотска, а последен пат се радуваше на трофејот во далечната 1960 година.

„Сега ни остануваат три меча само во неколку дена во кои ќе се реши шампионот“, додаде Мекинс.

- Оглас -

Најнови вести