Две европски репрезентации вечерва може да обезбедат место на СП 2022

Германија, Данска и домаќинот Катар се единствените сигурни учесници на фудбалското Светско првенство кое ќе се одржи следната година, а до утре рано наутро, на ова трио може да им се придружат уште три селекции.

Математички, вечерва од европските репрезентации место на Мундијалот може да обезбедат Шведска и Русија, а по полноќ големи се шансите виза за СП во Катар да обезбеди и Бразил.

За да оди на СП без бараж, Шведска треба да победи на гости кај Грузија и Шпанија да не освои три бода на гостувањето кај Грција. Ако Шпанците триумфираат во Атина, последното коло ќе решава, а тогаш Црвената фурија ги пречекува Швеѓаните за кои треба да игра и Ибрахимовиќ.

И за Русија калкулациите се исти. Зборнаја треба да слави против Кипар, но и Хрватска да не победи на гостувањето кај Малта.

- Оглас -

Најнови вести