Двократен НБА шампион пукал на луѓе кои сакале да му ја купат куќата

Шанон Браун е играч кој немаше некоја забележителна улога во НБА лигата, но сепак беше дел од шампионските генерации на Лос Анџелес лејкерс во 2009 и 2010 година, па може да се пофали дека има и два шампионски прстени. Браун кој во кариерата играше и за Кливленд, Чикаго, Шарлот, Феникс, Сан Антонио, Њујорк и Мајами, сега се соочува со еден неочекуван проблем.

Некогашниот НБА играч беше приведен во предградието на Аталанта, откако пукал на двајца луѓе кои биле на неговиот имот.Според тврдењето на Браун, тоа биле двајца крадци кои ги фатил на лице место и започнал да пука по нив. Сепак, другиот дел од приказната е поинаков.

Двајцата „натрапници“, всушност биле луѓе кои се занимавале со продажба и купување на недвижнини. Браун имал истакнато дека го продава имотот, па луѓето кога го забележале тоа, сакале да се информираат околу можноста да го купат. Вратата од имотот била отворена и тие влегле, кога пред нив се појавил Браун со пушка во рацете.

Пушката веднаш била вперена кон двајцата луѓе, кои морале да го напуштат имотот. Иако не покажале сила и излегле од имотот на кошаркарот, Браун испукал неколку куршуми кон нив, но за среќа никој не бил повреден. По овој инцидент Браун бил уапсен, а потоа со кауција и ослободен, но истрагата ќе покаже дали се работи за обид за убиство на луѓе кои само сакале да прашаат околу цената за имотот кој се продавал.

- Оглас -

Најнови вести