Единствен тим кој даде гол на сите мечеви сезонава

Баерн Минхен и Борусија Дортмунд ја продолжуваат трката за титулата во Бундес лигата, но еден друг тим е во самостојна трка. Вердер е единствениот тим сезонава во германското првенство кој успеа да даде гол на сите мечеви и ќе се обиде оваа низа да ја продолжи до крајот на сезоната.

Некогашниот германски првак во 29 меча досега има постигнато 52 погодоци, а навивачите на Вердер во секој натпревар се имаат израдувано барем на еден погодок. Не само што секогап дава гол, туку Вердер е во одлична серија без пораз. Веќе 16 средби во сите натпреварувања тимот од Бремен не знае за неуспех. Последен пат загубија од Лајпциг со 3:2 во декември минатата година.

Благодарение на добрите игри, Вердер е на шестото место на табелата и се бори за излез во Лигата на Европа. Клубот во своите витрини има четири шампионски пехари, последниот освоен во 2004 година. Има и шест титули во Купот на Германија, како и трофеј од Купот на купови во 1992 година.

Баерн сезонава е најефикасен и досега баварците постигнале 74 погодоци, но имаат средби на кои не постигнале гол, што не е случај и со Вердер сезонава. Актуелниот првак на Германија, попладнево во 15:30 часот ќе игра на гости кај Фортуна Дизелдорф, каде со триумф, повторно ќе се најде на чело на табелата, пред Борусија Дортмунд која моментно има 66 бодови, два повеќе од големиот ривал.

 

- Оглас -

Најнови вести