Една дилема за стартниот состав против Полска: Од Адеми зависи дали ќе игра Несторовски

Македонската фудбалска репрезентација вечерва во Варшава ќе се обиде да ја изненади фаворизираната Полска, во меч од осмото коло во квалификациите за пласман на Европското првенство кое се игра следната година. Полска е лидер во групата со 16 бодови, а Македонија е трета со 11 бодови и шанси да стигне до посакуваното второ место кое води на завршницата на континенталниот собир.

Според најавите, селекторот Игор Ангеловски ќе има една дилема за стартниот состав, кој повторно ќе биде во формација 3-4-1-2. Не се знае дали Аријан Адеми ќе биде подготвен за настап. Во споредба со дуелот против Словенија, во дефанзивниот ред ќе се врати Бејтулаи кој ја одлежа суспензијата и ќе биде во линија со Ристевски и Муслиу.

Во средниот ред сигурни се Алиоски, Спировски, Николов и Ростовски, кој за разлика од мечот против Словенија, сега ќе игра по офанзивно. Како полушпиц ќе биде Елмас, а во нападот се Несторовски и капитенот Пандев.

Сепак, ако Адеми е подготвен и игра, тогаш ќе има мала трансформација. Во тој случај, Адеми ќе биде полушпиц, додека Елмас ќе биде во нападот со Пандев, а Несторовски ќе мора да се пресели на клупата.

До почетокот на мечот има уште време, а на крајот и не е важно кој ќе настапи, туку да се успее да се оствари добар резултат кој ќе ја задржи Македонија со шанси за пласман на ЕП 2020.

Дуелот во Варшава започнува во 20:45 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести