Баерн Минхен има многу причини за славење во изминативе десетина дена. Најпрво тимот се пласира во полуфиналето од Лигата на шампионите, потоа ја обезбеди титулата во Бундеслигата, а синоќа се пласира и во финалето на Купот на Германија. Баерн Минхен имаше голем предизвик на гости кај Баер Леверкузен, но баварскиот гигант покажа квалитет и сила, па на крајот славеше со 2:0 за пласман во финалето на Купот, каде што ќе се обиде да го освои пехарот, и тоа по пауза од шест години.
„Кога работите одат добро, се обидувам да бидам најскромната личност во просторијата. Денес ништо не е освоено. Ние едноставно си ја завршивме работата и го заработивме правото да одиме во Берлин. Но, финалињата не се за учество, туку за победа. Поминав низ доволно бури во мојата кариера за да знам како да останам смирен. Не читам што е напишано кога губиме и не читам кога победуваме. Единственото нешто што е важно е следниот тренинг и како да станеме уште подобри“, рече Компани.
Тој го пофали својот тим за тактичката дисциплина што ја покажа за време на натпреварот.
„Знаевме дека Леверкузен е тим кој може да ве казни за секоја секунда невнимание. Моите играчи покажаа неверојатна зрелост. Не им дозволивме да дишат на средината од теренот и тоа беше клучот. Тоа е лицето на Баерн што сакам да го видам“, додаде Белгиецот.
Во финалето на Купот на Германија, Баерн го чека подобриот од денешното второ полуфинале меѓу Штутгарт и Фрајбург.

