Јасна порака од Иран: „Веќе се подготвуваме за гордо и успешно учество на СП“

Портпаролот на владата на Иран соопшти дека фудбалската репрезентација се подготвува за „гордо и успешно учество“ на натпреварите од Светско првенство во фудбал 2026 во САД.

„Министерството за млади и спорт, по наредба на министерот, објави соопштение за целосната подготвеност на нашата фудбалска репрезентација за учество на Светското првенство 2026 во САД“, изјави вчера владината портпаролка Фатеме Мохеџерани за државната иранска телевизија.

ФИФА доследно тврди дека Иран ќе остане според распоредот на натпревари усвоен во декември минатата година и одби да ги разгледа предлозите натпреварите на Иран да се префрлат во Мексико.

Напредок беше постигнат на 31 март, кога претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, во Турција одржа средба со челниците на иранскиот фудбал и репрезентативците, каде што тимот одигра и две пријателски средби.

Иако иранската лига беше прекината за време на војната, официјалниот инстаграм-профил на репрезентацијата оваа недела објави фотографии од тренинг одржан во Техеран.

Мохеџерани додаде дека се „направени сите неопходни подготовки што им се потребни на овие драги момци за гордо и успешно учество“.

Инфантино пред три недели ѝ вети на иранската репрезентација помош во пронаоѓање тренинг-камп надвор од земјата за подобра подготовка за турнирот. Кампот би можел да биде во Турција, каде што Иран минатиот месец во Анталија одигра пријателски натпревари против Нигерија и Костарика.

ФИФА засега не потврди детали околу организацијата на ваков камп.

Иран треба да одигра два натпревари од групната фаза во Инглвуд, против Нов Зеланд и Белгија, а потоа ќе игра против Египет во Сиетл.

Тимот треба да пристигне во тренинг-камп во Тусон најдоцна до 10 јуни, односно најмалку пет дена пред првиот натпревар, согласно правилата на Светското првенство.

Клучното прашање што сè уште останува е издавањето визи од американската влада за иранската делегација, вклучувајќи го и претседателот на Фудбалската федерација на Иран, Мехди Таџ. Тој е потпретседател на Азиската фудбалска конфедерација и не му беше дозволено да присуствува на ждрепката за Светското првенство во Вашингтон, каде што Инфантино му врачи специјална награда за мир на Доналд Трамп.

Мексико и Канада се коорганизатори на турнирот со 48 репрезентации, кој ќе трае до 19 јули.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име тука

- Оглас -

Најнови вести