Една година од европската титула на Вардар, „чудото во Келн“ стана реалност

Помина една година од денот кој со златни букви ќе биде запишан во историјата на македонскиот ракомет, денот кога Вардар по вторпат за три сезони стана европски шампион. Колкава е големината на подвигот, веројатно ќе сфатиме во иднина бидејќи ни најмалку нема да биде лесно да се повтори такво нешто. Вардар уште е актуелен европски првак, но следната сезона во Лигата на шампионите ќе ја почне како предизвикувач.

Ако во 2017 година Вардар првпат стана европски првак, а првиот пат, нели, најмногу се памети, плус титулата беше освоена на драматичен начин, лани Црвено-црните никој не ги сметаше за најсериозни претенденти за трофејот и изненадувањето беше уште поголемо и попријатно. Но, кога игра во „Ланксес арената“ во Келн, Вардар ретко губи, особено кога игра со срце и има поддршка од своите фанатични фанови. Во полуфиналето беше направена сензација против Барселона бидејќи Каталонците имаа убедливо водство од седум гола разлика по првото полувреме, додека завршниот меч одеше „како подмачкан“, Унгарците немаа шанса.

Веројатно сите се сеќаваме каде бевме лани во попладневните часови и каде го гледавме финалето кое Вардар го доби со 27-24 против Веспрем.

Потоа славење од домовите и кафулињата се пресели на плоштадот во Скопје, илјадници љубители на ракометот се радуваа до доцна во ноќта, а утредента во вечерните часови, кога ракометарите пристигнаа во Скопје, тоа беше приказна за себе. Емоциите беа огромни, неколку важни ракометари си заминаа, но Вардар им остана во срцата и порачаа да не се дозвли клубот да пропадне.

Сега Вардар има нова реалност, со старонов сопственик, но според составот кој ќе го има во следната сезона, Вардар повторно ќе биде силен и којзнае, со доза на неопходната среќа можеби повторно ќе има причини за радост како пред 365 дена.

- Оглас -

Најнови вести