Ефикасно реми на скопското дерби, Ренова ја испрати Победа во Втора лига со 9 голови

Шкупи не успеа да ја прекине долгата серија на Вардар сега од 12 меча без пораз, иако на двапати водеше, со 1:0 и 2:1. Старото скопско дерби на „Чаир“ заврши нерешено 2:2. Домаќините водеа со головите на Сержињо и Бајрами, а најтрофејниот македонски клуб израмнуваше со погодоци на Жунињо и Мицевски.

За да биде супер ефикасно коло се погрижи Ренова, со неверојатна победа од 9:1 против Победа. Расположен беше првиот стрелец во домашната лига, Влатко Стојановски со четири погодоци. Два даде Рамадани, а по еден постигнаа Миовски, Мустафов и Усеини. Ова е еден од најтешките порази во историјата на Победа, клуб кој се сели во понизок ранг.

Шкендија е многу блиску до одбрана на титулата по денешната победа со 1:0 во Скопје против Работнички. Тотре беше прецизен во 91. минута за нов триумф на лидерот и актуелен првак.

Беласица во дербито на долниот дел на табелата ја победи Македонија Ѓ.П. со 3:1. Двоен стрелец за домаќините беше Душан Савиќ, а победата ја потврди Мирчевски. Почесниот гол за гостите го постигна Боби Божиновски.

Силекс остана во игра за опстанок со триумф од 3:0 против Академија Пандев. Домаќините лесно славеа со два гола на Рајковиќ и еден на Благоевиќ.

Резултати, 32. коло: Шкупи – Вардар 2:2, Ренова – Победа 9:1, Работнички – Шкендија 0:1, Беласица – Македонија Ѓ.П. 3:1, Силекс – Академија Пандев 3:0.

Табела: Шкендија 72, Вардар 59, Академија Пандев 53, Шкупи 43, Ренова 42, Работнички 39, Македонија Ѓ.П. 38, Силекс 37, Беласица 34, Победа 23.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести