Македонија останува само со еден претставник во ракометната Лига на шампиони во следната сезона, со Вардар 1961, бидејќи Европската ракометна федерација ЕХФ одлучи да не му додели вајлд-карта на нашиот вицешампион Еурофарм Пелистер.
Лигата на шампионите ќе се игра со 16 екипи и во првата фаза ќе има две групи со по осум тима. Мечевите ќе се играат во среди и четвртоци, а сезоната стартува на 16-ти септември.
Десет тима, меѓу кои и Вардар 1961 (другите се ПСЖ, Барселона, Кил, Веспрем, Фленсбург, Кјелце, Алборг, Загреб и Порто) обезбедија директно учество, додека останатите шест места беа пополнети со специјални покани. Битолчани имаа надеж дека ќе бидат повикани, но извисија, а вајлд-карти добија Нант, ПИК Сегед, Елверум, Динамо Букурешт, Целје Пивоварна Лашко и Мешков Брест. Резерви се Висла Плоц и Динамо Букурешт.
За Е. Пелистер, кој е еден од осумте тима кои не добија вајлд-карта, а конкурираа, останува утехата да игра заедно со Адемар Леон, Спортинг Лисабон, Кадетен Шафхаузен, Бешикташ, Висла Плок, Мотор Запорожје и ГОГ Гудме во Европската лига. Во истото натпреварување ќе се појави и скопскиот Металург.
Ждрепката за групите од ЛШ ќе се изврши на 1 јули во Виена.