Европската ракометна федерација (ЕХФ) по вторпат на две години го суспендира поранешниот македонски судија и претседател на судиската комисија на ЕХФ, Драган Начевски, за непријавување на обид за поткуп кој му го монтираше данската телевизија ТВ2.
ЕХФ минатата година го суспендира Начевски на две години и му одреди парична казна од 5.000 за непријавување обид за мито. Драган Начевски тогаш поднесе жалба која му беше усвоена, а сега ЕХФ донесе конечна одлука, односно ја потврди својата одлука од минатата година.
Драган Начевски беше суспендиран од ЕХФ откако данската ТВ2 плати актер да глуми кинески бизнисмен кој сака да го поткупи Начевски за да намести натпревари, но обидот да телевизијата пропадна. Начевски двапати ја одби понудата, но неговиот „грев“ според ЕХФ е што поодлучно не ја одбил понудата за местенки и веднаш не го пријавил случајот.