Екс голманот на Ливерпул открива: Преку СМС порака дознавме дека сме прваци

Белгија беше првата европска земја која реши да го прекине фудбалското првенство поради пандемијата со Коронавирусот. По Белгија, истото го направија и Холандија и Франција. Во Белгија решија да биде прогласен првак, а шампионската титула му припадна на Бриж кој беше лидер до моментот на прекин на првенството.

Некогашниот голман на Ливерпул, Симон Мињоле сезонава беше на голот на Бриж и открива дека ова е најчудниот начин како кој стигнал до титула, а вистинско славје воопшто и немало. Играчите на Бриж преку СМС порака дознале дека се шампиони.

„Добивме СМС порака дека сме прваци. Беше многу чудно чувство. Што можевме да направиме во тој момент? Бев со сопругата, се напив една чаша вино и тоа беше славјето“, открива Мињоле.

До прекинот на првенството, Бриж имаше 15 бода предност во однос на второпласираниот Гент, што доволно зборува за доминацијата на клубот кој стигна до 16 титула во клупската историја.

„Да, се чувствуваме како шампиони. Единствено е штета што титулата не можевме да ја прославиме на терен со нашите навивачи и со соиграчите. Сепак, сите сфаќаме каква е ситуацијата и тоа мора да го прифатиме. Сепак, нема дилема дека титулата е заслужена“, додава Мињоле.

 

- Оглас -

Најнови вести