Поранешниот фудбалер на Вардар, на сплитски Хајдук и на многу други клубови, Босанецот Сенијад Ибричиќ, вчера во дресот на Домжале направи фудбалски трик со којшто го измами и го збуни голманот на Целје, но и сите други присутни на стадионот за време на мечт од словенечката прва лига. Тој му асистираше на соиграч од пенал.
Во 85-тата минута, при 1-0 за Целје, беше досуден пенал за Домжале, Ибричиќ зеде залет и кога сите мислеа дека ќе шутне кон голот, тој само нежно ја пушти топката напред и настрана, а Шамара Николсон дојде до неа и со прецизен шут постигна гол.
Ваквото изнедување на пенал го патентираа легендите на Хајдук, Јурица Јерковиќ и Ивица Шурјак во 1981 година, една година подоцна тоа го стори и Јохан Кројф, а во 2016 година таа финта ја направија Лео Меси и Луис Суарес на меч против Селта. Имаше и еден неуспешен обид во 2005, кога Робер Пирес и Тиери Анри од Арсенал не дадоа гол против Манчестер сити бидејќи додавањето беше пресилно и голманот ја собра топката.