Легендата на италијанскиот тенис и поранешен победник на „Ролан Гарос“, Адријано Паната, изјави дека според него, Новак Ѓоковиќ веќе никогаш нема да ги победи Карлос Алкарас или Јаник Синер.
По убедливиот пораз на Ѓоковиќ од Алкарас во финалето на Вимблдон, Паната даде храбра прогноза која може да делува мотивирачки за Србинот.
„Верувам дека Ѓоковиќ никогаш повеќе нема да ги победи Алкарас и Синер“, рече Паната во еден поткаст.
„Ѓоковиќ до финалето стигна победувајќи го Руне, кој всушност се победи себеси. И, морам да признаам дека Новак ме измами со нивото на игра против Музети. Сепак, имаше голема разлика против Алкарас“, изјави човекот кој во далечната 1976 година го освои „Ролан Гарос“.
„Карлос долго време покажува дека е многу добар тенисер. Што се однесува до мене, тој и Синер се изедначени за првото место. За мене не е најјасна логика да се гледаат резултатите од минатата година за првото место. А, што се однесува до Ѓоковиќ, мислам дека никогаш повеќе нема да ги победи Алкарас или Синер“, вели Паната, за кој говорот на телото на Новак на финалето во Лондон јасно покажал дека се случила промена на генерацијата.
Алкарас не мисли исто како Паната.
„Не ги гледам работите на таков начин. Луѓето зборуваат за смена на генерации, почеток на нова ера и слично, но јас не гледам така. Сите ние работиме напорно за да можеме да го предизвикаме Ѓоковиќ. Барем засега нема смена на генерациите“, изјави Алкарас, кој е трети на АТП-листата.