Експериментот со еден нокаут меч му се допаѓа на првиот човек на УЕФА

Пандемијата со корона-вирусот прилично ја поремети фудбалската сезона, а истото се случуваше и во останатите спортови во светот. Принудниот тримесечен одмор ја натера европската фудбалска федерација да смислува нов систем со цел да се комплетира остатокот од сезоната.

Така во функција стапи системот на турнир кој се одржува во Лисабон, почнувајќи од четвртфиналните дуели. Наместо двомеч, победникот се одлучува во еден дуел, што резултираше со возбудливи натпревари и непредвидли резултати. Токму поради тоа, претседателот на УЕФА Александар Чеферин, истакна дека во иднина ќе предложи овој систем да продолжи да се практикува.

„Овој систем со еден нокаут-натпревар делува доста интересно, дуелите се многу повозбудливи отколку во системот со двомеч. Тоа е една од позитивните работи кои дојдоа со пандемијата со корона-вирусот. Одлуката да го намалиме бројот на нокаут-натпревари донесе позитивни реакции од страна на љубителите на овој спорт, така што во иднина сериозно ќе размислиме да се придржиме до овој систем“, истакна Чеферин.

Иако мали се шансите овој систем да се практикува веќе во следната сезона, можно е во блиска иднина да се создаде фајнлфор турнир, во којшто полуфиналистите би играле еден меч во битка за пласман во финалето.

 

- Оглас -

Најнови вести