Елези: Фарски Острови е многу незгоден ривал, но нашата цел е првото место во групата

Македонската фудбалска репрезентација ги започна подготовките за престојните два дуела на стартот од новиот циклус во Лигата на нациите. Првиот предизвик за Македонија е гостувањето кај Фарски Острови, а еден од повратниците во националниот состав е Агон Елези.

Фудбалерот на Бохум вели дека меѓу фудбалерите владее оптимизам и желба за добро да се одигра ова издание на Лигата на нациите, но самиот Елези е свесен дека Фарски Острови не е наивен ривал и никако не смее да се потцени.

„Мило ми е што повторно сум дел од репрезентацијата. Во тимот владее позитивна атмосфера. Нашата цел е првото место. Почеток на сезона сме и сите момци се максимално спремни и се желни за добар резултат. Во модерниот фудбал нема добиени натпревари пред време. Фарски Острови е многу незгоден ривал. Мора да се прилагодиме на нивната подлога, играат на вештачка трева, но верувам во моите соиграчи и во позитивен резултат. Македонија во оваа група цели кон првото место, а со оглед на нашиот квалитет имаме право да веруваме. Но, тоа треба да го покажеме на терен“, рече Елези.

По мечот против Фарски Острови, кој ќе се игра во Торшавн на 7 септември, ќе следува и дуелот против Ерменија, и тоа на домашен терен во Скопје на десетти овој месец.

- Оглас -

Најнови вести