Елмас може да игра, на легендарната „Аноета“ ќе чека шанса како резерва

Елиф Елмас конечно повторно е во полн погон и може да игра по престојот во карантин поради позитивен тест на ковид-19.

Македонскиот репрезентативец отпатува со Наполи за Сан Себастијан и вечерва од 21 часот очекува минутажа на теренот на легендарната „Аноета“.

Реал Сосиедад му е домаќин на Наполи во дерби-дуелот од второто коло во групата Ф. Шпанците стартуваа со победа, Наполи беше изненаден дома од АЗ Алкмар, па не смее повторно да си дозволи пораз.

Италијанските медиуми најавуваат дека ќе има доста промени кај гостите во однос на стартната постава од дуелот во Калчото со Беневенто, но Елмас нема да биде на терен од почеток.

Двете екипи за првпат ќе играат меѓу себе во еврокуповите, а премиерата ќе биде без публика на трибините.

 

- Оглас -

Најнови вести