Емирот на Катар влегува во трката за купување на Манчестер јунајтед, но не сака да плати колку што бараат актуелните газди

Емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад Ал-Тани, е заинтересиран да го купи најтрофејниот англиски тим, Манчестер јунајтед, но засега проблем претставува цената, пишува весникот „Гардијан“.

Шеикот Ал-Тани смета дека Манчестер јунајтед не вреди шест милијарди фунти колку што бараат актуелните сопственици, американското семејство Глејзер, и е подготвен да понуди 4,5 милијарди фунти.

Исто така проблем за владетелот на Катар е тоа што веќе е сопственик на францускиот ПСЖ, а и Јунајтед сака да го купи преку катарскиот инвестициски фонд „Катар спортс инвестмент“.

Актуелните правила на УЕФА не дозволуваат клубови со исти сопственици да играат во исто натпреварување под капата на Европската куќа на фудбалот, но, „Гардијан“ пишува дека се бара решение за овој проблем.

Семејството Глејзер го стави Манчестер јунајтед на продажба во ноември, објавувајќи дека „почнува процес за истражување на стратешките алтернативи“.

Групацијата Рајн, која ја надгледуваше продажбата на Челзи, беше назначена за ексклузивен финансиски советник и верува дека клубот може да се продаде за 6 милијарди фунти. Сепак, емирот смета дека 4,5 милијарди фунти е реална цена.

Освен шеикот Ал-Тани, сериозен интерес за купување на Црвените ѓаволи пројавува и најбогатиот Британец, сер Џим Ретклиф.

- Оглас -

Најнови вести