Енди Мареј во солзи најави крај на кариерата

По низата повреди, операции и обиди да се врати на тениските терени, се чини дека Енди Мареј ја губи битката со повредата на колкот, поради која долго време беше надвор од погон. Британецот се подготвува за Отвореното првенство на Австралија, односно првиот Гренд слем во новата сезона, а на прес-конференцијата едвај се воздржа да ги сокрие емоциите, па најави дека овој турнир може да биде негов последен во кариерата.

„Не се чувствувам добро. Многу долго време се борам, но во последните 20 месеци чувствувам силна болка. Мислам дека се обидов на сите начини да закрепнам, да го вратам колкот во нормална состојба, но ништо не помогна. Можам да играм, но со ограничувања. Со тие ограничувања и болката не можам да уживам во тенисот. Не сум сигурен дали ќе можам да играм уште четири или пет месеци со вакви болки. Планот ми беше да се повлечам по Вимблдон, но не сум сигурен дека ќе успеам во таа намера“, изјави Мареј.

Како што истакна, Мареј планираше да ја заврши професионалната кариера на Вимблдон, но болките во колкот очигледно не му дозволуваат да чека до налето, а посочи дека му предложиле да направи уште една опрација во обид целосно да се отстрани проблемот со колкот.

Триесет и едногодишниот шкотски тенисер освои вкупно 45 трофеи откако стана професионалец во 2005 година, од кои два трофеи му се од Вимблдон и еден од Отвореното пренство на САД. Мареј има и три медали од Олимписките игри, во Лондон освои два – златен медал во сингл и бронзен во мешан дабл, додека и во Рио беше златен во сингл. Во 2016 година беше и прв светски рекет кога го освои и завршниот АТП-турнир.

На стартот од Гренд слемот во Мелбурн, Мареј во првото коло ќе се соочи со Роберто Баутиста – Агут, а турнирот започнува во понеделник.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести