Македонија ќе заокружи една година без победа

Македонската фудбалска репрезентација синоќа ја продолжи лошата серија без победа. Поразот од 4:0 во Истанбул од Турција е само знак дека „црвениот аларм“ мора да се вклучи и дека треба нешто драстично да се преземе. Да не се „преспие“ летото, затоа што брзо ќе дојде септември, кога започнуваат предизвиците во новата сезона од Лигата на нациите.

А во Лигата на нациите ќе го имаме најголемиот предизвик. За првпат Македонија ќе игра во Б сегментот, што е втор по квалитет, и тоа против ривали како што се Швајцарија, Шкотска и Словенија. Сите три противника се подобро рангирани од Македонија на ранг-листата на ФИФА, што значи дека пред селекторот Гоце Седлоски и репрезентативците ќе има сериозен предизвик.

Прв предизвик, секако, ќе биде да се прекине низата без победа, која трае на последните осум натпревари. Последната победа Македонија ја имаше на 7 септември во Скопје, кога убедливо со 5:0 го победивме Лихтенштајн. По тој меч започнува низата без победа и трае осум средби (пет ремија и три порази). Македонија ремизира против Белгија (0:0), Казахстан (1:1), Летонија (0:0), Ирска (0:0) и Босна и Херцеговина (0:0), а загуби од Велс (7:1), Данска (4:0) и Турција (4:0).

Ако се знае дека следниот меч на Македонија е дури на 26 септември против Швајцарија во Скопје, во првото коло од Лигата на нациите, јасно е дека нашата репрезентација ќе заокружи една година без победа. Освен што немаме победа, Македонија нема дадено ниту еден гол на последните четири меча, па против Швајцарија во септември ќе играме и за да избегнеме срам за првпат во репрезентативната историја да не погодиме на пет натпревари по ред.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести