Ерата без Лазаров како играч започна со убедлив триумф на Македонија во квалификациите за ЕП 2024

Подмладената ракометна репрезентација на Македонија оствари убедлив триумф од 38:24 против Луксембург на стартот од квалификациите за пласман на Европското првенство 2024 година.

Ова беше првиот официјален натпревар на македонската репрезентација без легендарниот капитен Кирил Лазаров, како и Филип Миркуловски и Стојанче Стоилов, и сега улогата на лидери ја презедоа Филип Талески и Филип Кузмановски.

Лазаров и Миркуловски остануваат да бидат дел од репрезентацијата како селектор и како член на стручниот штаб.

Македонија уште од стартот покажа дека е апсолутен фаворит на овој натпревар и поведе со 3:0 само по три минути игра, а како што одминуваше времето така предноста се зголемуваше. На средина од првиот дел беше плус осум за Македонија (12:4), а на одмор се замина со 11 гола предност (18:7).

Во второто полувреме, македонските ракометари рутински ја одржуваа предноста која ниту еднаш не се спушти под 10 гола, а селекторот Лазаров го искористи да испроба различни тактички варијанти за идните натпревари.

На крајот Македонија запиша победа на стартот од квалификациите за ЕП 2024 со убедливи 38:24. Најдобри со македонскиот табор беа Цветан Кузмановски со шест гола, Мартин Серафимов даде пет, а Филип Кузмановски, Филип Талески и Игор Ѓорѓиев дадоа по четири гола.

Следниот натпревар Македонија ќе го игра зa четири дена во Ван против Турција.

- Оглас -

Најнови вести