Ериксен: 20 минути само ја гледавме топката, добро е што Ајакс не даде уште некој гол

Еден од најдобрите играчи на Тотенхем, Кристијан Ериксен, мораше да признае дека Ајакс едноставно беше подобар тим синоќа на дуелот во Лондон. Ериксен е „дете на Ајакс“, бидејќи пред да дојде во Лондон во 2013 година, претходно го носеше дресот на холандскиот гигант.

Креативецот на играта на англискиот тим, признава дека Ајакс едноставно бил многу подобар, посебно во првите 20 минути. Дека е тоа така покажува и статистиката, која вели дека Ајакс имал 66 отсто посед на топка во воведните 20 минути и направил 167 прецизни додавања. Токму во тој период и беше постигнат и единствениот гол на мечот.

„Не одигравме како што сакавме. Во првите 20 минути едноставно само можевме да ја гледаме топката. Мораме многу работи да смениме за реваншот во Амстердам. Ајакс делуваше многу подобро во нашата половина од теренот. Покажа дека се работи за добар тим, но ние со нашата лоша игра им помогнавме дополнително. Сами сме виновни. Добро е што Ајакс не даде повеќе голови“, вели Ериксен.

Ајакс стана само третиот клуб во историјата на Лигата на шампиони кој успеал да победи во трите меча на гости во нокаут фазата, односно во осминафиналето, четвртфиналето и полуфиналето.

Реванш мечот меѓу Ајакс и Тотенхем ќе се игра на 8 мај на Арената „Јохан Кројф“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести