Ето станува скандал-мајстор: Сега е снимен како договара местење на натпревари

Поранешниот напаѓач на Барселона и Интер, Самуел Ето, а сега претседател на фудбалската федерација на Камерун, наводно е вмешан во местење на натпревари.

На социјалните мрежи се појави аудио снимка од негов разговор со еден од челниците на камерунски тим. На снимката која ја објави камерунскиот портал „Камфут“, се слуша како Ето на претставникот на Викторија јунајтед, Валентин Гвен, му верува дека ќе му помогне тимот да влезе во првата лига. „Камфут“ тврди дена снимката е од јануари годинава.

„Опопо (прекарот на тимот) мора да се пласира во прва лига. Викторија јунајтед ќе игра во елитната дивизија“, е снимен како зборува Ето.

Викторија јунајтед на крајот од минатата сезона се пласира во Првата лига, што дополнително ги зголемува сомнежите дека Ето влијаел на резултатите во финишот од сезоната, како и дека имал влијание врз Судиската комисија и останатите тела во Федерацијата. Токму во дел од снимката се слуша како Ето зборува дека ќе изврши притисок врз судиите.

„Останете мирни, ќе ви дадеме три бода и ќе го суспендирам судијата“, зборува Ето.
На крајот од снимката се слуша како Ето му порачува на Гвен да го посети и да зборуваат во четири очи.

Ова не е прва афера која се поврзува со Ето откако стана претседател на Федерацијата.

Поранешниот вработен во Федерацијата, Анри Куан, го обвини Ето дека платил 1.300 долари за заеднички соработник само за да го следи и да му се заканува на него и неговото семејство.

Медиумите открија дека Ето стоел и зад скандалот на Светското првенство во Катар минатата година кога Андре Онана ја напушти репрезентацијата. Подоцна, Ето нападна новинар на улица кој му поставуваше прашања кои не му допаднаа.

На почетокот од месецот, јавноста дозна дека Ето не плаќал алиментација на неговата ќерка.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести