Еуфорија во Фарски острови: За 100 секунди ги распродадоа сите билети за дуелот против Македонија

Македонската ракометна репрезентација повеќе од една деценија е стандарден учесник на сите европски и светски првенства. Оваа добра низа нашата репрезентација ќе се обиде да ја продолжи и со пласман на Светското првенство кое ќе се игра во 2025 година.

Македонија ќе игра во баражот за овој Мундијал, а противник е селекцијата на Фарски Острови. Според ждрепката, Македонија беше во групата на носители, но Фарски острови кои дебитираа на Еп 2024 година, очекуваат прв пат да играат и на планетарниот собир.

Двомечот ќе започне на 8 мај на теренот на противникот. Салата во Торшавн собира 1.700 гледачи, но во продажба беа пуштени само 1.000 билети за фановите додека останатите ќе бидат за пријателите на федерацијата. Овие 1.000 билети кои беа понудени, се распродадоа за помалку од две минути, што само покажува каква еуфорија владее во земјата за дуелот против Македонија.

По тој дуел во Торшавн ќе следува и реваншот во Скопје на 12 мај, кога Македонија пред своите навивачи во „Борис Трајковски“ ќе се обиде да стигне до уште еден настап на големо натпреварување.

- Оглас -

Најнови вести