Еурофарм Пелистер изгоре во пеколот на „Боро Чурлески“

Големото ракометно дерби во Битола, кое заврши со голема победа на Вардар 1961, најавува дека шампионската титула за првпат по 2022 година најверојатно се враќа во Скопје, во витрините на најтрофејниот македонски клуб и двократен европски првак.

Вардарци знаеја што сакаат, умешно ги користеа своите предности и го шокираа противникот, кој беше убеден во победата и токму тоа им ги врза рацете кога почнаа проблемите и видоа дека нема да биде лесно. Иван Чупиќ повеќепати победуваше во Битола како играч на Вардар, а сега како тренер го најде рецептот како да се совлада ривалот на гостински терен и вади максимум од многумина од играчите, сите даваат придонес и таа тимска игра носи резултат.

Пелистерци дадоа само 22 гола, нешто што на нивен терен не им се случило многу долго време. Дури и против европски гиганти како Барса, Магдебург, ПСЖ даваа повеќе голови отколку синоќа.

Се покажа дека се жртви на притисокот кои сами си го направија. Се најавуваше дека на Вардар му нема спас, пекол за скопјани во салата „Боро Чурлески“, но се случи обратното, не гостите, туку момците во зелено-бели дресови потклекнаа на атмосферата, како да беа премотивирани и тоа им ги врза рацете.

Од друга страна, Вардар е комплетен, со здрав и спремен Милан Лазаревски тимот е посилен, периодов играат добро и на домашната и на меѓународната сцена, полни се со самодоверба и итаат кон титулата.

Битолчани одлично го познаваат ракометот и го признаа поразот, вината ја бараат во своите редови. Публиката со аплауз ги поздрави своите миленици, а немаше грди сцени како во минатото, кога гостите и судиите одвај спасуваа жива глава додека одеа кон соблекувалните. Вардарци победија, а Чупиќ на последниот тајмаут побара да не се однесуваат како во циркус, туку да бидат смирени и да го почитуваат противникот, па не провоцираа со претерана прослава на паркетот.

Не случајно ова дерби важи за едно од најголемите во европскиот ракомет, испитот беше положен.

- Оглас -

Најнови вести