Еве како Македонија може да игра на ЕП 2020 преку Лигата на Нации

Новото натпреварување дава досега најголема шанса и за селекциите кои секогаш биле аутсајдери

Револуционерното ново натпреварување на Европската фудбалска федерација (УЕФА), Лигата на Нации започнува денеска. УЕФА реши да ги укине пријателските средби и на нивно место да ја создаде оваа Лига на Нации, во која ќе учествуваат сите 55 земји членки на континенталната федерација.

Репрезентациите се поделени во 4 посебни лиги, во зависност од рејтингот. Во А лигата се најдобро рангираните 12 селекции: Холандија, Франција, Германија, Исланд, Швајцарија, Белгија, Полска, Италија, Португалија, Хрватска, Англија и Шпанија.

Потоа следат 12 селекции во Лига Б, која е втора по квалитет. Во Лига Ц се наоѓаат националните тимови кои се од 25 до 39 место на УЕФА листата. Последна по квалитет е Лигата Д. Токму во таа лига е и Македонија. Нашата селекција е во група со Ерменија, Лихтенштајн и Гибралтар. Покрај оваа група, има уште три други групи со по четири селекции.
Прашање е како Македонија може да се надева на пласман ан Европското првенство во 2020 година и тоа преку Лигата на Нации? Македонската репрезентација треба да го освои првото место во својата група и на тој начин да го помине првиот филтер за пласман на континенталниот собир.

Ако Македонија биде прва во својата група, ќе влезе во борба со останатите три селекции кои би биле првопласирани во своите групи. Ќе се игра полуфинале, а победниците ќе се пласираат во финалето. Е тој меч, финалето во Д лигата, всушност ќе биде дуелот кој ќе носи пласман на ЕП 2020. Значи, најдобрата репрезентација во Д лигата ќе добие право да игра на завршницата на Европското првенство, без да се мачи во квалификациите.

Македонија е еден од фаворитите за најдобар пласман во Д лигата. Походот на „црвено-жолтите“ ќе започне вечерва и тоа на гостувањето кај Гибралтар. Избраниците на селекторот Игор Ангеловски се апсолутни фаворити за освојување на првите три бода.

Мечот меѓу Гибралтар и Македонија започнува во 20:45 часот.

- Оглас -

Најнови вести