Европски рекорд: На прволигашки меч во Ирска, заигра 14-годишно момче!

Тинејџерот Еван Фергусон, заигра за првиот тим на Бохемијанс, и стана веројатно најмладиот фудбалер во Европа кој се појавил на сениорски меч во прволигашка конкуренција.

Бохемијанс одигра 0-0 на гостувањето кај Дери сити, а историскиот момент се случи во 89-та минута, кога на местото на Лук Вејд Слејтер, на терен влезе дебитантот Фергусон. Еван е син на некогашниот фудбалер Бери Фергусон, а за првиот тим на Бохемијанс играше и на пријателскиот меч со Челзи во јули, но ова му е првпат да игра на официјален натпревар во сениорска конкуренција.

Младиот Фергусон почна да тренира и игра во локалниот клуб Сент Кевин бојс, од каде се пресели во младинскиот погон на Бохемијамс. Играше за кадетските репрезентации на Република Ирска за играчи до 15 и 16 години.

Во Европа не се памети некој помлад фудбалер да заиграл во прва лига. Светскиот рекорд го држи Маурисио Балдивиесо, кој за боливискиот тим Аурора, дебитираше на возраст од само 12 години и 363 дена. Според податоците на ФИФА, најмлад репрезентативец е Сулејмани Мамам кој во мај 2001 година дебитираше за селекцијата на Того кога имал 13 години и 310 дена.

- Оглас -

Најнови вести